Агим Ибраими и Иван Тасески ги поздравија СИМ: Спортот ги гради младите
Решителноста на Владата на Република Македонија и премиерот Христијан Мицкоски да поддржат проект кој овозможува бесплатен спорт за секое дете е уште една потврда дека во нашата држава на прво место се младите и иднината.
Нема поубава награда од искрените детски насмевки. СИМ ги учи младите дека спортот е најважната алатка во градењето вистински вредности: толеранција, фер-плеј и создавање пријателства за цел живот.
На едно место ги споивме легендите кои се запишани во историјата на македонскиот спорт и иднината која допрва треба да ги наследи.
Желбата Плазма Спортските игри за млади да се одржат во Македонија ја поздравија врвни спортисти. Игрите оваа година слават 30-годишен јубилеј во Хрватска, а се одржуваат и во Србија, Словенија и Босна и Херцеговина.
„Честитки до организаторите за овој прекрасен спортски настан. Многу е важно да ги поттикнеме децата да го засакаат спортот и да се обидеме да ги оттргнеме од мобилните телефони. Токму на оваа возраст сите сме ги направиле првите спортски чекори, па затоа е одлично што во Македонија за првпат се одржуваат Плазма спортските игри за млади. Се надевам дека овој голем настан ќе прерасне во традиција“, порача од Тетово поранешниот фудбалски репрезентативец Агим Ибраими, кој зад себе има блескава кариера и е вистински пример за професионалец.
Во Охрид порака испрати членот на ГРК Охрид, Иван Тасески, кој со својот тим ја освои шампионската титула во ЕХФ Европскиот куп.
„Пофалби за организацијата. Многу е важно децата да ги оттргнеме од долгото време поминато пред компјутери и мобилни телефони и да ги поттикнеме да се дружат, да се забавуваат и да се натпреваруваат.
И јас токму на оваа возраст го засакав спортот. Почнав со атлетика три години, потоа продолжив со бокс исто толку, а потоа се вљубив во ракометот, каде што сум веќе 15 години.“
Регионалните натпревари во СИМ продолжуваат, а се очекуваат победниците кои ќе настапат на Државното првенство, од каде најдобрите ќе обезбедат пласман на големото финале кое ќе се одржи во Сплит од 17 до 22 август.