Јапонските навивачи традиционално го „светнаа“ стадионот по мечот против Холандија (ВИДЕО)

Јапонските навивачи уште еднаш покажаа зошто важат за пример за спортска култура, оставајќи ги трибините беспрекорно чисти по синоќешниот натпревар со Холандија (2-2) на Светското првенство во САД.

Додека најголемиот дел од гледачите го напуштаа стадионот, десетици јапонски навивачи останаа на своите места, внимателно собирајќи го отпадот во сини пластични вреќи и оставајќи го просторот почист отколку што го затекнаа.

„Мораме да мислиме и на другите луѓе. Во Јапонија веруваме дека местото што го користиме треба да го оставиме поуредно отколку кога сме дошле“, изјави 20-годишниот навивач Еита Танака.

Тој објаснува дека оваа навика се учи уште од најрана возраст, бидејќи учениците во јапонските училишта сами ги чистат училниците, ги бришат клупите и ги мијат подовите, без тоа да им биде наредено од наставниците. Ваквите сцени одамна станаа заштитен знак на јапонските навивачи на големите спортски настани, а нивниот пример повторно стана вирален на социјалните мрежи. Интересно е што во чистењето се приклучи и НФЛ-ѕвездата Џејмис Винстон, кој носеше син дрес на Јапонија со своето име на грбот.

„Тоа е нашата култура. Каде и да одиме, чистиме по себе. Тоа е нашиот начин на размислување“, вели навивачот Футо Хагивара.

Социолозите сметаат дека ваквото однесување е комбинација од чувство на општествена одговорност и силна колективна свест, која ги мотивира луѓето да не им создаваат проблеми на другите. Во Јапонија има многу малку јавни канти за отпадоци, а граѓаните се навикнати ѓубрето да го носат дома и внимателно да го селектираат. Затоа и на стадионите никому не му е чудно што навивачите сами ги чистат трибините.

Јапонија следниот натпревар ќе го одигра против Тунис во Мексико, а нема сомнеж дека и тогаш нивните навивачи повторно ќе бидат пример за спортски дух – и надвор од теренот.