Ја почна кариерата во 1986 година и уште игра: Зборот пензионирање не е во мојот речник!

Иконата на јапонскиот фудбал, Казујоши Миура познат како „Кралот Казу“ продолжува да игра и покрај тоа што има дури 58 години.

Тој ја почна својата 40. сезона во кариерата откако влезе како замена во победата на Атлетико Сузука од 2-1 над Јокохама во четвртата јапонска лига.

Миура кариерата ја започна далечната 1986 година во бразилскиот Сантош, играше и за Палмеирас, а во еден период го носеше и дресот на Динамо Загреб.

Има полни 58 години, но не ни помислува на пензија откако се врати на теренот поради пауза по повреда.

„Сакам повторно да играм и да го покажам својот карактер. Благодарен сум на сите што ме поддржаа. Сега сакам да го забрзам ритамот. Кога имав 35 или 40 години, си велев дека не можам вака повеќе. Но, наместо да се откажам, се туркав себеси да дадам повеќе. Зборот пензионирање не постои во мојот речник“, изјави Миура.

Со 89 настапи и 55 гола за Јапонија, Миура останува првата вистинска фудбалска ѕвезда на својата земја, а очигледно и најдолговечна.