Интер Мајами се сопна во Канада и ја прекина победничката серија (ВИДЕО)

По трите победи во низа, екипата на Интер Мајами ремизираше (1-1) на гостувањето кај Торонто и го загуби чекорот со водечките тимови во Источната конференција.

Со два меча помалку, составот од Флорида имаше шанса да се искачи на првото место на Истокот, но киксна таму каде што најмалку се очекуваше и ја прекина серијата од три победи во МЛС. Го немаше вообичаениот придонес од Меси кој овојпат учествуваше само со една асистенција, за голот на Аљенде во судиското продолжение од првото полувреме.

Израмнувањето дојде во 60. минута кога Михајловиќ ја погоди мрежата на Интер Мајами и само му направи проблем на својот ривал, имајќи предвид дека Торонто е без шанси за пласман во плејофот.

Филаделфија го искористи киксот на Интер Мајами и со триумф од 6-0 на гости кај Ди Си Јунајтед, му избега дури седум бода, со два меча повеќе.