Чаби Алонсо доживеа дебакл во првото дерби: Боли овој пораз...

Перфектниот старт на сезоната очигледно даде погрешна слика за квалитетот и сликата на Реал Мадрид.

Во првиот посериозен тест, најтрофејниот шпански клуб не само што беше поразен, туку доживеа дебакл во градското дерби и прими пет гола, повеќе отколку на претходните шест натпревари заедно. Тренерот Чаби Алонсо не го криеше своето разочарување по натпреварот.

„Боли овој пораз, но ние мораме таа болка да ја искористиме во позитивна насока. Нема да го заборавиме овој резултат, ама ќе извлечеме поуки од него. Натпреварот беше лош за нас, не почнавме добро, не игравме добро колективно и заслужено загубивме“, изјави, меѓу другото, Алонсо.

Реал во вторник го очекува тешко патување и гостување во Казахстан кај Каират во рамките на Лигата на шампионите, а идниот викенд го пречекува Виљареал.