Бурса во транс: Европскиот шампион на колена пред Рајковиќ!

Најуспешниот македонски стручњак во историјата Емил Рајковиќ со својот нов тим Тофаш вечерва приреди сензација во турската кошарка откако на домашен терен го победи европскиот шампион Фенербахче со 80-78.

Не можеше да биде подраматични бидејќи тимот од Бурса го постигна кошот за победа буквално со истекот на времето. Херој беше Максвел Луис кому тоа му беше прв кош на натпреварот.

Триумфот на Тофаш дополнително добива на значење ако се знае дека во последната четвртина Фенербахче водеше и со седум поени разлика (74-67), а во последните две минути беше во предност од еден посед и имаше напад за победа. Рајковиќ има огромна заслуга за победа бидејќи на околу една секунда пред крајот, при резултат 78-78 повика тајмаут, ја нацрта акцијата која неговите кошаркари потоа ја спроведоа во дело и дојдоа до победата.

Литванскиот репрезентативец Блажевич со 21 поен беше најефикасен кај Тофаш, додека прв стрелец на мечот беше Хортон Такер од Фенербахче со 24.