Вардар без проблеми го освои Кавадарци и останува осамен на врвот

И по четири кола, екипата на Вардар останува лидер на табелата во ракометната Супер лига откако вечерва славеше на гостувањето кај Тиквеш со 30-25.

Кавадарчани, кои во минатото знаеја да му го загорчат животот на најтрофејниот македонски тим, се држеа само во првите десетина минути кога резултатот беше 5-5. Вардар потоа го почна својот напад, постигна четири гола во низа, а на голем одмор замина со предност од 14-8.

Слично беше и во второто полувреме, Вардар постојано го зголемуваше водството за на пет минути пред крајот да поведе и со 27-19 по што стана јасно дека бодовите ќе заминат за Скопје.

Хориха со осум гола го предводеше Вардар, Боно постигна пет, а во екипата на Тиквеш, по четири гола постигнаа Коцев, Цејовиќ и Ахмед. Денешниот меч беше генерална проба за Вардар за големото дерби против Пелистер кое се игра в среда во Скопје.