Хрватска преку Грција ќе бара виза за СП, а Италија ќе се мачи со Шведска

Репрезентацијата на Хрвстка ќе игра против Грција во мундијалскиот бараж идниот месец за пласман на Светското првенство во Русија, а четирикратниот светски првак Италија го доби веројатно најтешкиот противник во Шведска за место на најголемиот фудбалски фестивал.

Италијанците, кои беа противници на Македонија во мундијалските квалификации (ремизиравме со нив неодамна во Торино 1-1) ќе мора добро да се испотат и да ги одиграат своите два најдобри мечеви во последните две години, затоа што „викинзите“ не се нималку лесен противник, особено што во групата со Франција и Холандија до последно коло беа во игра и за директен пласман на СП.

Хрватска против Грција ќе се бори за Мундијалот, но мечот ќе биде под посебно внимание и поради блискоста на грчките навивачи со српските, па провокациите и инцидентите сигурно ќе бидат дел од пресметката со голем влог, која носи не само пласман на СП, туку и 15 милиони ера награда за федерацијата.

Во другите два меча, Северна Ирска и Швајцарија ќе се борат за едно место, а Данска и Р. Ирска за последното од Европа.

Еврпските баражи ќе ги дадат четирите последни патници од Стариот континент на Мундијалот во Русија, а останатите пет места идниот месец ќе се знаат од двата интерконтинентални баражи Австралија – Хондурас и Перу – Нов Зеланд, како и трите преостанати африкански селекции од послендото квалификациско коло.

Баражите ќе се играат од 9 до 11 ноември за првите дуели, додека реваншите се на програмата од 12 до 14 ноември.