Хоселу си замина од Реал Мадрид, познат и новиот клуб

Eден од фудбалерите од сенка кои ја обележија сезоната 2023/2024 за Реал Мадрид го напушти клубот.

Напаѓачот Хоселу кој минатото лето пристигна од Еспањол како позајмен фудбалер сега ги напушти „кралевите“ и кариерата ќе ја продолжи во Ал Гарафа од Катар.

Во Реал Мадрид 34-годишниот напаѓач настапуваше како позајмен фудбалер, а Реал неговиот договор го откупи и го продаде на катарскиот клуб за иста сума.

„Реал Мадрид му се заблагодарува на Хоселу за професионализмот и неговата љубов кон клубот. Му посакуваме среќа во следната фаза од животот“, објави гигантот од Мадрид.

Искусниот напаѓач во изминатата сезона одигра 49 натпревари за Реал, постигна 17 голови и подели три асистенции.

Најмногу се истакна во реваншот од полуфиналето во Лигата на шампионите против Баерн Минхен кога со головите во 88. и 91. минута донесе победа и пласман за Реал во финалето.