Фудбалерот кој Јувентус не го откупи заврши во Тотнем

Францускиот напаѓач Рандал Коло Муани ќе ја продолжи кариератa во редовите на Тотнем откако лондонскиот клуб постигна договор со Пари Сен Жермен за едногодишна позајмица.  

Името на Коло Муани веќе некое време кружеше низ редовите на неколку премиерлигаши, меѓу кои Манчестер јунајтед, Челси и Вест хем, но Французинот на крајот го избра Тотнем. 

Муани изминатата сезона ја помина како позајмен фудбалер во Јувентус, каде што остави солиден впечаток со осум погодоци на 16 настапи во Серија А, меѓутоа „старата дама“ не се договори со ПСЖ за негов откуп на договорот. Пред преселбата во Париз, напаѓачот беше дел од бундеслигашот Ајнтрахт Франкфурт. 

Зад себе во дресот на репрезентацијата, Муани има 31 настап, меѓутоа најмногу се памети онаа негова пропуштена прилика во последните моменти од финалето на Мундијалот против Аргентина.  

Фото: Juventus FC/X