Лазаров: Да го оставиме срцето на терен со Хановер – па што биде!

Македонскиот суперлигаш Алкалоид в сабота (19.30 часот, „Автокоманда“) ќе го пречека германскиот бундеслигаш Хановер во реваншот од квалификациите за Европската лига на ЕХФ.

Македонскиот тим има тежок предизвик пред себе, бидејќи првиот натпревар во Германија заврши со убедлив пораз од десет гола разлика (27-37). Тренерот Кирил Лазаров е свесен за големата пречка, но најави борбен настап и достоен настап пред домашната публика.

„Хановер повеќе од осум месеци беше лидер во најсилната лига на светот и засилен е со искусни играчи. Жал ми е што загубивме со толкава разлика, која не ја заслуживме. Сепак, од играчите барам комплетен натпревар и максимална посветеност. Сакам сите да го оставиме срцето на терен – за нас, за проектот и за навивачите,“ изјави Лазаров.

Тој додаде дека поразот во Германија му донел разочарување и непреспиени ноќи, но дека спортот носи и такви моменти.

„Ова е големо искуство за нас. Колку и да се надевавме, сепак играме против супер-квалитетен противник со кого мораме да бидеме перфектни“, дополни стратегот на Алкалоид.

Покрај реваншот, саботниот натпревар ќе има и посебна свеченост – Алкалоид официјално ќе го добие пехарот од Европскиот Куп на ЕХФ, освоен минатата сезона со триумф над АЕК Атина во финалето.