
Босна ја сруши Грузија и по три децении ќе игра осминафинале!
Босна подобро го започна натпреварот, но во првиот период не успеваше да се „одлепи“ и разликата најчесто беше пет-шест поени за тој период да го завршат со водство од 20-15. Продолжија Нуркиќ и друштвото да бидат подобриот противник на паркетот и во вториот период, па така некаде на средината за првпат дојдоа и до двоцифрена предност (33-22).
Грузија не успеваше да го спушти водството, па така БиХ на одмор замина со предност од 47-35. Во третиот период Босна поведе и со највисоки 14 поени разлика (56-41), а тогаш избраниците на селекторот Џигиќ како да се разбудија и почнаа да ја топат разликата.
До крајот на третата четвртина намалија на 67-62, па беше јасно дека влегуваме во неизвесна завршница. Стигна Грузија во последниот период и до израмнување (69-69). Но, сепак Босна тогаш одново додаде гас и со серија од 6-0 дојде до 77-71 на пет минути до крајот.
По тоа водство Грузија не успеа повторно да се врати па БиХ дојде до третата победа на турнирот со која обезбеди пласман во осминафиналето.
Најефикасни во редовите на БиХ беа Џон Роберсон со 16, Јусуф Нуркиќ со 15 поени и 12 скока и Алкесандар Лазиќ со 13 поени. За Грузија, Александар Мамукелашвили постигна 20, Камар Болдвин 18, Гога Битадзе 15, а Дуда Санадзе 11 поени.
Во вториот натпревар кој се играше во истиот термин ,Франција лесно ја оправда фаворитската улога и славеше убедлива победа над Исланд со 114-74. Закарие Ришачер од Франција и Мартн Хермансон од спротивната страна беа најефикасни на средбата со по 15 поени.
Фото: FIBA