Двапати сме играле со Саудиска Арабија, уште чекаме на првата победа (ВИДЕО)

Денеска во Прага од 17:00 часот, Македонија ќе игра пријателски натпревар против Саудиска Арабија, кој ќе биде првиот од двата за избраниците на селекторот Милевски во овој прозорец.

Натпреварот кој се игра на стадионот „Викторија Жижков“ ќе биде трет за нас против оваа селекција и во него ќе се обидеме да дојдеме до првиот триумф.

Претходно во 2022 година Саудиска Арабија во Абу Даби беше подобра со 1-0, додека една година претходно во Ријад ремизиравме 1-1. И тие два дуели како и денешниот беа од пријателски карактаер.

Станува збор за пријателски натпревар, меѓутоа селекторот Благоја Милевски потенцираше дека сака од секој кој ќе излезе на теренот да го даде својот максимум, сепак како што вели најважно е сите да бидат здрави за натпреварот кој следи.

“Очекувам секој поединец да го покаже својот максимум и да се наметне во зголемувањето на конкуренцијата во тимот. Сакам да видам дека Македонија може, дури и преку оние кои имаат помала минутажа, играчи кои бараат нови средини или подоцна го решија својот клупски статус. Се надевам дека тоа нема да се одрази на нивната физичка подготвеност. Најважно ми е сите да бидат здрави. Саудиска Арабија е редовен учесник на Светските првенства и го гледам дуелот како еден предизвик за сите наши играчи. Мислам дека сите кои ќе настапат, ќе бидат во функција на она што не очекува во недела, тоа е дуелот со Лихтенштајн”, изјави Милевски пред овој дуел.

Веќе в недела на домашен терен, Македонија ја очекува нов натпревар и тоа резултатски многу поважен во продолжувањето на мундијалските квалификации во кој ќе го пречекаме Лихтенштајн во Скопје.