Во Кавадарци: Приведен битолчанец - бил агресивен кон ракометарите на Вардар!

Еден навивач од Битола е приведен за време на ракометниот Супер-куп натпревар меѓу Вардар и Пелистер (27-28), што синоќа се одигра во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Полицијата информира дека поради инцидентот ќе биде поднесена соодветна пријава против приведениот, а истовремено ќе се преземат мерки и против организаторот на натпреварот, согласно Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари.

„На 03.09.2025 во 20:15 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го привеле А.Р.(24) од Битола затоа што во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци, за време на одигрување на ракометен натпревар помеѓу екипите на РК Вардар од Скопје и РК-Еурофарм Пелистер од Битола, недолично и агресивно се однесувал кон играчите на РК Вардар. По документирање на настанот против А.Р. ќе биде поднесена соодветна пријава. Исто така, се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на навивач од Битола, кој по завршување на натпреварот запалил пиротехничко средство во салата. Додека, против организаторот ќе биде поднесена пријава согласно Закон за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари“, соопштија од МВР.