Падна одлука: Ќе се зголемува бројот на учесници и на клупскиот Мундијал

Светската фудбалска организација потврди дека планира проширување на Светското клупско првенство на 48 учесници, почнувајќи од турнирот во 2029 година.

Одлуката е донесена во соработка со Асоцијацијата на европски клубови со цел да им се отвори врата на повеќе тимови од најсилните европски лиги. Следното издание на натпреварувањето ќе добие целосно нов формат со 48 екипи, по примерот на годинешното Светското првенство за репрезентации.

Најголема корист од новиот формат ќе имаат европските клубови, бидејќи бројот на загарантирани места ќе се зголеми од 12 на 16. Јужноамериканската конфедерација ќе ги задржи шесте директни места, со можност преку бараж да обезбеди и седми претставник.

Особено важен момент е што Асоцијацијата на европски клубови, предводена од претседателот на Пари Сен Жермен, Насер Ал Келаифи, бара укинување на ограничувањето од најмногу два клуба од една држава.

Тоа би отворило можност за настап на повеќе екипи од иста лига, особено од англиската Премиер лига, чии клубови се меѓу најдобро рангираните според европските коефициенти.

Европската фудбалска унија, предводена од претседателот Александар Чеферин, првично се спротивставуваше на проширувањето, стравувајќи дека преголем турнир може да го загрози статусот и комерцијалната вредност на Лигата на шампионите. Сепак, европската куќа на фудбалот на крајот го поддржа планот под еден услов натпреварувањето да се одржува на секои четири години.