Македонски репрезентативец ќе биде новата гол-машина на Панатинаикос!?

Македонскиот репрезентативец, Елмин Растодер, кој игра за швајцарски Тун, е на чекор до најголемиот трансфер во својата кариера, откако според повеќе информации од Швајцарија и Грција е многу блиску до преселба таборот на Панатинаикос.

Преговорите меѓу двата клуба се во завршна фаза, а швајцарските медиуми објавуваат дека е постигнат начелен договор за трансфер вреден околу 3,5 милиони евра. Иако сето ова сè уште не е официјализирано, се наведува дека шансите Растодер да ја продолжи кариерата во Атина се многу големи.

Напаѓачот одамна е меѓу главните желби на Панатинаикос, каде што подолго време го следеле неговиот развој и веруваат дека покрај квалитетите што ги поседува, има и голем простор за дополнителен напредок, но и потенцијал за уште поголем трансфер во иднина. Последните контакти меѓу двете страни се реализирани во изминатите денови, а грчките медиуми тврдат дека Растодер е прва опција за засилување на нападот. Неговиот ангажман веќе добил одобрение и од новиот тренер Јакоб Неструп.

На реализацијата на трансферот активно работи спортскиот директор Стефанос Коцолис, кој, според информациите од Грција, вложил големи напори за да го донесе македонскиот репрезентативец во клубот.