Европските клубови бараат итен состанок со ФИФА за Африканскиот куп на нациите

Европските клубови здружени во својата Европска клупска асоцијација (ЕКА) побараа итен состанок со Светската фудбалска федерација (ФИФА) поради претстојниот Африкански куп на нациите од 9 јануари до 6 февруари, поради новиот омикрон-сој на ковид-19, барајќи од светската организација да се преземат најригорозните мерки со цел да се заштитат фудбалерите, ама и интересите на клубовите.

Европските клубови на секое издание на Африканскиот куп на нации не се најсреќни зашто се игра континенталниот шампионат среде сезона, па на еден месец ги губат своите ѕвезди од „црниот континент“, што е проблем за исполнувањето на своите цели, а сега со појавата на новиот корона-сој за кој стручњаците велат дека е екстремно заразен, бараат состанок со ФИФА околу турнирот.

„Извршниот одбор на ЕКА побара итен состанок со ФИФА во најбрз можен рок со цел да се осигураат сите потребни мерки за заштита на фудбалерите, најмногу и поради фактот што здравствената ситуација продолжува алармантно да се влошува на овој континент“, објави ЕКА.

Африканскиот куп на нации треба да се игра во Камерун, а ќе учествуваат 24 селекции и дел од најголемите африкански ѕвезди треба да бидат дел од него. Африканците веќе подолго време поради актуелната пандемија имаа сериозни проблеми со организација на мундијалските квалификации, а ФИФА дел од термините ги одложуваше, за разлика од Европа каде сѐ се одигра според распоредот после рестартот на фудбалот по ланскиот тримесечен карантин и прекин на сите активности.

ЕКА истовремено ѝ порача на ФИФА дека не го поддржува предлогот за Светко првенство на две години, ама бара календарот за натпревари по 2024 година, во кој во основа е Мундијалот на 24 месеци, да се реформира, но ниту клубовите, ниту репрезентациите, а најмалку фудбалерите да не бидат оштетени.