ЕУ цели 12 години спиеше, па се освести да заклучи – ФИФА била корумпирана!?

Светското првенство во Катар веќе дојде до шестиот ден од стартот, а на Европската унија после цели 12 години откако арапската земја ја доби организацијата на Мундијалот ѝ текна дека Светската федерација (ФИФА) била корумпирана.

Европскиот Парламент усвои резолуција дека во ФИФА владее „системска и длабоко навлезена корупција“, откако се состана за да реагира на кршењето на човековите права во земјата и информациите за преку 6.500 работници кои го загубиле животот во нехумани услови и за ситна плата градејќи ја инфраструктурата за СП.

Катар ја доби организацијата за СП во 2010 година кога Русија исто така беше избрана за Мундијалот во 2018, па брзо потоа излезе аферата „Катергејт“ со која се откри како шеиците со мито и корупција дошле до организацијата, меѓудругото и со лоби на Франција, која за таа помош доби награда од 15 милијарди евра во инвестции, меѓу нив и создавање на моќниот ПСЖ.

Парламентот на ЕУ изрази длабоко жалење за смртта на илјадниците работници-мигранти во Катар, оценувајќи дека за заштита на навивачите и спортистите, меѓународните спортски организации не треба да добиваат домаќинства на големи настани, каде се кршат основните човекови права и владее работно насилство.

Исто така посочено е дека во ФИФа владее длабоко вкоренета корупција и ЕУ жали што ФИФА на Катар му ја доделил организацијата, зашто со тоа се нарушил угледот и интегритетот на светскиот фудбал.

Паралелно, Парламентот ги повикал членките на ЕУ посебно врвните земји од лига петка да направат притисок на УЕФА и на ФИФА за реформи со светската организација.

„Тоа би довело до воведување на демократски и транспарентни процедури при доделување на организација на најголемите светски првенства и строга употреба на критериумот човекови права“, пишува во резолуцијата.

Исто така во резолуцијата се изразува жалење за положбата на ЛГБТ заедницата, поради строгите закони во конзервативната муслиманска земја за затворски казни.

ФБИ и американското обвинителство во 2015 година уапсија 20-на високи челници на ФИФА од Карибите и Јужна Америка за проневера на преку 200 милиони евра од фондовите на ФИФА, пари кои неодамна ѝ беа вратени, ама ЕУ сето ова исто така го преспа, па откако се кренаа земји како Германија, Данска, Англија, Швајцарија против Катар, сега со децениско задоцнување Унијата се реши да ја искара светската федерација и домаќинот Катар.