Екс-репрезентативец на Русија и фудбалер на Евертон повикан на фронтот!

Поранешниот фудбалски репрезентативец на Русија, Динијар Биљалетдинов, бил свикан да се приклучи на руската армија, во нападите на Украина.

Медиумите од Англија ја раширија оваа вест, затоа што 37-годишниот поранешен фудбалер беше ѕвезда на Евеертон, своевремено. Toj замина во синиот дел на Ливерпул во 2009 година и остана три сезони таму, препорачан од одличните настапи за Русија на ЕП 2008, кога стигна до полуфиналето со своите колеги од репрезентацијата.

Веста за повикот во војска ја потврдил неговиот татко, објаснувајќи дека Динијар и немал соодветна воена обука, иако го отслужил задолжителниот воен рок, на свои 18 години.

„Динијар навистина доби повик. Тешко е сега да се зборува за емоции, бидејќи тој навистина служеше воен рок, иако под специфични услови, со олеснувања за еден спортист. Тоа беше пред 19 години. Тој има заклетва, но служеше во посебната спортска линија. Исто така, законот вели дека сите способни мажи до 35 години ќе бидат повикани, а тој е 37, така што има некоја грешка. Ќе видиме дали ова е точно или не, се може да се случи. Ако ова беше генерална мобилизација, тогаш е друго, но претседателот распиша парцијална, па се треба да е во согласност со законот“, ја пренесува „Сан“, изјавата од таткото Ринат Биљалетдинов.

Многу руски спортисти биле повикани да се придружат на армиите во Украина, а дел од нив се бунтуваат и се обидуваат да ја напуштат земјата. Таков е случајот со петкратната олимписка шампионка Анастасија Давидова, која згора на тоа ја извршувала и функцијата генерален секретар на Рускиот олимписки комитет.