Денеска на СП: Хрватска мора да победи, Шпанија подготвува „метла“ за Германија!

Франција е прв осминафиналист, Аргентина остана жива, па денеска уште поголема возбуда нуди целодневната безмалку 12-часовна програма на која Јапонија и Белгија одат по победи за чекор кон осминафинале, Хрватска ќе мора да триумфира за да го продолжи патот кон елиминациите, а Германија за киксот со Јапонците ќе мора да се вади на најтешкиот меч против импресивната Шпанија.

„Црвената фурија“ во класико против Германија игра од 20 часот како шлаг на денот, а после импресивните 7-0 против слабата Костарика, сега на „панцерите“ им се заканува метла по две кола ако го загубат и овој меч и вторпат по СП да си заминат после само групна фаза.

Германците прво од 11 часот ќе навиваат Јапонија да загуби од Костарика, за да имаат „план Б“ во случај на нов пораз од Шпанците, иако ќе се обидат да се извадат за катастрофата со Јапонија и да се вратат во живот за осминафиналето, но за такво нешто ќе им треба перфектен меч, прво да ѝ ја земат топката на Шпанија, а второ да бидат максимално реализаторски ефектни, зашто утките со „самураите“ прескапо ги чинеа.

Јапонија има шанса за осминафинале ако ја победи Костарика и да дојде до шест бода, а Шпанија да не загуби од Германија, зашто триумф на „панцерите“ ќе ја остави отворена битката и последното коло ќе решава за кој ќе оди во елиминациите.

Белгија не покажа ништо, но ја победи Канада, па сега ќе се обиде преку Мароко да го направи чекорот кон следната фаза, иако за тоа ќе им треба и многу подобра игра и многу поконкретни напади, зашто северноафриканците покажаа дека знаат да одиграат дефанзивно и да се заканат од противнапади. Мечот на Белгија со Мароко е од 14 часот.

Три часа после него, Хрватска против Канада која одигра добро и беше подобра на терен од „црвените ѓаволи“ без оглед на поразот, ќе мора да победат за да го задржат чекорот кон осминафиналето што е прва цел на светскиот вицепрвак. Но, за такво нешто, Хрватска ќе мора да биде и похрабра, поконкретна и покреативна, зашто „коцкестите“ не воодушевија со настапот против Мароканците со само една сериозна шанса за 90 минути.