Де Ла Фуенте за Мундијалот остана без ѕвездата на Барселона

Фудбалерот на Барселона, Фермин Лопез, се здоби со потешка повреда на стапалото поради која ќе го пропушти Светското првенство.

Фермин поради повредата мораше да го напушти теренот на неделниот натпревар против Бетис, а по денешните прегледи е утврдено дека станува збор за скршеница на метатарзална коска. Тој ќе мора на операција, по која следува повеќенеделна пауза, па се очекува да биде подготвен за стартот на летните подготовки со Барселона.

Ова е сериозен удар за Шпанија, особено по повредите на Ламин Јамал и Нико Вилијамс во финишот од сезоната, па останува прашањето во каква форма ќе го дочекаат Мундијалот.

На тоа треба да се додаде и повредата на Микел Мерино, кој е надвор од терените од почетокот на 2026 година, па селекторот Луис де ла Фуенте ќе има сериозни главоболки околу составот.

Де Ла Фуенте сигурно сметаше на Фермин и според многумина токму тој требаше да биде првата опција додека Нико Вилијамс не се врати целосно во форма по повредата. 

Во актуелната сезона за Барселона, Фермин одигра 48 натпревари со учинок од 13 голови и 17 асистенции.

Фото: Selección Española de Fútbol (SeFutbol)