Челси го избрка Росениор, а неговиот татко е апсолутен рекордер - добил отказ по 10 минути!

Лиам Росениор неславно ја заврши кратката епизода како тренер на Челси, но воопшто не е блиску до својот татко Лерој, кој е рекордер во англискиот фудбал по најкраток мандат на клупата на еден тим.

Росениор врза пет порази на клупата на Челси и доби отказ по 23 натпревари на „Стенфорд Бриџ“, односно по само три месеци на таа функција. Сепак, тоа е далеку од краткиот мандат што го имал неговиот татко, Лерој Росениор.

Рекордот во англискиот фудбал бил поставен во мај 2007 година. Таткото на Лиам, Лерој Росениор, бил на клупата, верувале или не, само 10 минути пред да добие отказ.

Лерој Росениор бил назначен за нов менаџер на Торки Јунајтед на 17 мај 2007 година. На клупата „издржал“ само 10 минути, а потоа следувал неверојатен пресврт.

Тој бил претставен пред медиумите на прес-конференција, но само 10 минути подоцна новите сопственици на клубот го контактирале за да му соопштат дека за спортски директор го назначиле Колин Ли, кој со добиените овластувања веднаш одлучил да го отпушти Росениор без тој да има шанса дури и да се запознае со тимот.

По ваквото неславно искуство таткото на Лиам никогаш повеќе не се вратил во тренерските води.