Потресно сведоштво на жртва од скандалот во Италија, фудбалери се криеле на покрив!

По скандалот со елитна проституција во Италија кој беше разоткриен на почетокот на неделата, сега се појавија и нови детали. 

Во емисијата „Oре 14“, под гаранција на анонимност, се јавила жена запознаена со функционирањето на организацијата. Таа раскажала дека сè започнало во 2019 година, кога се вселила во изнајмен стан во сопственост на Алесиа Саломоне, една од уапсените во истрагата. Во станот, како што наведува, живееле осум или девет девојки.

Сведокот тврди дека теретана покрај станот во 2020 година, во периодот на пандемијата и строгите забрани, била претворена во нелегален ноќен клуб.

„На тие забави почнаа да доаѓаат фудбалери. Некои беа мирни, други се однесуваа непримерно. Штом ќе сфатеа дека не сакаш сексуален однос со нив, почнуваа да те понижуваат. Еден од нив ми рече: ‘Што сакаш да направиш, кучко? Во јавна куќа си како и сите останати’“, изјавила таа, додавајќи дека станувало збор за фудбалери од Интер и Милан.

Таа опишала и дека при полициски рации фудбалерите бегале и се криеле на таванот. Забавите, според неа, често биле посетувани и од инфлуенсери, а најголем дел од девојките биле надвор од Италија и сами и без пари, а многу од нив имале и семејни проблеми.

„Сопствениците на становите се однесуваа како да сме нивна сопственост, нè контролираа и нè надгледуваа со камери насекаде. На мобилните телефони имаа еден вид каталог, им го покажуваа на гостите во клубот и ги прашуваа: ‘Која ја сакате вечерва?’“, раскажала таа.

Според последните информации од Италија во аферата биле вмешани над 50 фудбалери, а веќе се појавија и првите имиња.