
Чеферин против идејата на Барселона и Милан: Ќе мора да разговараме!
Иако конечната одлука треба да ја донесе Извршниот комитет на УЕФА на состанок закажан за 11 септември во Тирана, Чеферин во интервју за белгискиот портал „Политико“ јасно стави до знаење дека е против ваквата идеја.
„Европските тимови треба да играат во Европа. Ќе ја отвориме оваа дискусија и со ФИФА и со сите федерации, затоа што не мислам дека тоа е добра идеја. Ако е исклучок, може или ако има причина, добро. Но во принцип, екипите треба да играат тука, бидејќи нивните навивачи живеат во Европа. Тоа е голема традиција“, изјави Чеферин од Монако, каде што денеска ќе се одржи ждрепката за Лигата на шампионите.
УЕФА во моментов работи интензивно на правно ниво за да утврди дали може да го блокира одигрувањето не само на овој натпревар во САД, туку и средбата помеѓу Милан и Комо во рамките од Серија А која треба да се одигра на 6 февруари во Перт.
Додека во Италија постои согласност од клубовите, во Шпанија ситуацијата е поинаква, Реал Мадрид веќе јавно се спротивстави на идејата.
Сепак, Чеферин е свесен дека за ваквите одлуки повеќе се прашуваат националните федерации.
„Не сме задоволни, но колку и да проверувавме правно, немаме многу простор ако федерациите се согласни, а и шпанската и италијанската се согласија. Но во иднина, мораме сериозно да дискутираме за ова, бидејќи фудбалот треба да се игра во Европа и навивачите треба да го гледаат дома. Не можат да патуваат до Австралија или САД за да ги гледаат своите клубови,“ заклучи Чеферин.
Фото: UEFA/X