Ѓоковиќ откри зошто не се радува ниту се смее додека игра на Ју Ес опен!

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, на средба со новинарите откри дека не е целосно задоволен од својата игра на Ју Ес Опен, иако успеа да ги добие првите два меча на турнирот.

Србинот истовремено објасни зошто не се радува на освоените поени и не покажува вообичаени емоции на теренот.

„Се трудам да останам максимално фокусиран и да го најдам вистинскиот ритам. Уживам во натпреварите, но не и кога не играм добро. Затоа врз себе ставам дополнителен притисок. Можеби затоа ме немавте видено да славам поени, но следниот пат ќе се удрам во гради, само за вас“, се пошегува Ѓоковиќ во разговор со новинарите.

Тој нагласи дека секогаш постои нешто што сака да докаже, без разлика на тоа што во кариерата веќе има освоено сите гренслемови и олимписко злато.

„Некој може да помисли дека нема што повеќе да се постигне, но тоа е релативно. Јас секогаш гледам краткорочно – како да го добијам наредниот меч. Сè уште имам желба да се натпреварувам со младите, инаку не би бил овде“, дополни најдобриот.

На прашањето кој е најголемиот предизвик во тенисот, Ѓоковиќ посочи на „кариерниот слем“ и „златниот слем“, вклучувајќи го олимпискиот турнир, како и останувањето на врвот во текот на повеќе години.

„Гренслемовите бараат огромна енергија, а задржувањето на првото место подолго време е можеби најтешкиот предизвик, затоа што бара целосен фокус 24 часа дневно“, истакна тој.

Новак по победите над Лернер Тијен и Закари Свaјда ќе има ден за одмор, пред во петок да излезе на терен против Камерон Нори во третото коло на УС Опен.