Брутален одговор од Пекинг: Кина ја исполни заканата и ги избриша Мбапе и Реал
Кинеската државна телевизија „CCTV“ изминатиот викенд не емитуваше натпревари од шпанската Ла Лига, откако ги суспендираше програмските содржини поради изјава на Килијан Мбапе за интернет-мем поврзан со поранешниот кинески лидер Мао Це Тунг.
Во официјалната програма немаше ниту еден натпревар од шпанското првенство, а од апликацијата на државната телевизија беа отстранети сите натпревари на Реал Мадрид.
Од друга страна, дигиталната платформа „Мигу“, ексклузивен дигитален партнер на Ла Лига во Кина, продолжи да ги нуди повеќето натпревари, но го повлече дуелот на мадриѓаните. Дополнително, од платформата беа избришани и претходните снимки од головите и настапите на Мбапе, пренесува „Марка“.
Контроверзноста започна откако францускиот напаѓач во едно интервју откри дека еден од неговите омилени интернет-мемови е оној во кој неговото лице е монтирано на телото на „кинескиот диктатор“. Иако Мбапе директно не го спомена Мао Це Тунг, монтажата јасно го прикажуваше основачот на современата кинеска држава.
Изјавата предизвика остри реакции во Пекинг. Неколку кинески компании веднаш ги раскинаа спонзорските договори, а државната телевизија ги повлече преносите од Ла Лига и го прекина емитувањето на сите реклами во кои се појавува Мбапе.
Во обид да ги смири страстите, францускиот фудбалер упати извинување на француски, кинески и англиски јазик. Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, испрати официјално писмо до Кинеската медиумска група (CMG), а со извинувањето се приклучи и Реал Мадрид, нагласувајќи дека има целосна почит кон Кина.
Кинеските власти и државните медиуми потврдија дека ја примиле пораката, но засега немаат јасен одговор дали извинувањата се доволни за надминување на проблемот.