Тиквеш посакува одмазда против едната Шкендија, а другата ја чека тешко гостување во Штип!
Арачиновци својот меч ќе го одиграат на скопски „Чаир“ (12 часот) под свирчето на главниот судија Стојанче Стојанов, во обид да стават крај на серијата од четири натпревари без победа. Кавадарчани, пак, доаѓаат максимално мотивиран за одмазда против тимот кој им го нанесе единствениот пораз досега сезонава. Шкендија Арачиново на 15 август во рамки на третото коло славеше среде Кавадарци (1-0- благодарение на погодокот на Марко Симоновски.
Домаќините во меѓувреме ја подигнаа самодовербата откако ја прекинаа резултатската криза со победата против Башкими во Куманово (2-0), со што изборија пласман во четвртфиналето од Купот на Македонија. Иако во првенството немаат победа уште од 14 септември кога во седмото коло го совладаа Скопје (1-0), треба да се земе предвид дека нивната лоша серија од три порази и едно реми дојде во исклучително тежок распоред во кој ги одмерија силите со Вардар, тетовска Шкендија, Струга и Силекс. Крилниот напаѓач на тимот од Арачиново, Аритон Мехмеди, верува дека позитивната енергија од куп-натпреварот ќе биде пресудна за денешниот дуел.
„Ни следи важен натпревар против Тиквеш, противник кој заслужува максимална почит. Свесни сме за значењето на овој дуел и мотивирани сме да го дадеме најдоброто од себе на теренот. Во текот на неделата работевме напорно и посветено, па верувам дека сме целосно подготвени за предизвикот“, изјави Мехмеди.
Паралелно со случувањата во Чаир, големо внимание ќе привлече и пресметката на Градскиот стадион во Штип, каде што домашната Брегалница ќе го пречека вицешампионот Шкендија (14.30 часот). За гостите од Тетово овој натпревар е од витално значење во обидот да го сочуваат првото место на табелата, бидејќи Струга се доближи на само еден, а Вардар на три бода. Од друга страна, Брегалница има свои математики и амбиции да врзе втора последователна победа, со која би побегнала од опасната зона на табелата и по петти пат оваа сезона би ги израдувала своите навивачи.