Бројот со кој се затвора кругот: Меси почна со 19, а Јамал со 19 доаѓа по неговата круна!
Финалето се игра на 19 јули, Јамал има 19 години и настапува со дресот со број 19 за шпанската репрезентација. Но, тука симболиката дури почнува. Кога Лионел Меси првпат настапи на едно СП, во Германија во 2006 година, токму бројот 19 стоеше на неговиот дрес. Тогаш тој сè уште не беше сопственик на легендарната „десетка“, ниту лидер на Аргентина. Беше само чудесно момче од Барселона кое штотуку почнуваше да ја пишува својата фудбалска приказна. Меси со истиот број настапуваше и во Барселона, пред да ја преземе десетката и да ја претвори во еден од најпрепознатливите симболи во историјата на фудбалот.

Речиси идентичен пат помина и Ламин. Најпрво го носеше бројот 19, а потоа ја доби легендарната десетка во Барселона – број што во каталонскиот гигант не му се доверува на секого, туку само на оние од кои се очекува да ја носат иднината на клубот. Но, постои уште еден детал што ја прави оваа приказна речиси филмска. Во 2007 година, за време на хуманитарна фотосесија, младиот Меси позираше со бебе во рацете. Тоа бебе беше - Ламин Јамал.
Во тој момент Меси само што почнуваше да станува најдобриот фудбалер на својата генерација, додека Јамал сè уште не знаеше ниту да оди. Деветнаесет години подоцна, истите тие двајца ќе се сретнат во финале на Светско првенство. На едната страна ќе биде Меси – човекот кој освои речиси сè што може да се освои во фудбалот и се бори за уште една светска круна. На другата – Јамал, момчето кое штотуку почнува да ја испишува својата приказна и се обидува да стане новото лице на светскиот фудбал.

Меси со бројот 19 го започна патот кон бесмртноста. Јамал со истиот број вечерва ќе се обиде да му ја одземе последната голема титула. Можеби сето ова е само неверојатна случајност. На крајот, финалињата не ги решаваат бројките, симболите или фотографиите, туку головите, дриблинзите и моментите на инспирација. Но, ретко кога едно финале добива ваква приказна.
На едната страна е човекот кој речиси ги затвори сите кругови во својата кариера. На другата – момчето кое штотуку почнува да го црта својот. И сè некако повторно се враќа на истиот број – 19.