Бразилец во Израел остана без дом - Хамас му го урна апартманот: Чудо е што сум жив!

Бразилскиот фудбалер Хигор Видал, член на израелски Макаби Петах Тиква остана без дом во хаосот кој деновиве се случува на Блискиот исток во жестоките судири на Израел со Хамас и взаемното ракетирање, по што околу 200 жртви има од вооружениот судир.

Вистинска војна има на Блискиот Исток во воениот судир на израелската армија со Хамас, палестинските милитанти, па секојдневно се бројат мртви и повредени на двете страни во гранатирањата, а од едни такви од страна на Хамас, комплетно е уништена зградата во која живеел Видал, па сега тој останал на улица.

„Ова е мојот стан во Петах Тиква после нападот на Хамас. Ова не е нормално, сѐ однесуваат како животни, напаѓаат невини луѓе како што сум јас, мојата жена, моите деца. Ова е тотален хаос, од Газа напаѓаат недолжни луѓе, а ние вакво нешто не заслужуваме. Јас тука дојдов да играм фудбал, а не да стравувам за својот живот. Дури чудо е што сме сѐ уште живи“, објави Хигор.

Воените дејствија почнаа во вторникот, откако Хамас почна гранатирање на предградија на Тел Авив и други градови во близина на овој град, по што следеше жестока реакција од израелската војска, која копнено тргна во инвазија на појасот Газа од каде дејствува милитантната палестинска организација.

Поради воениот судир сите спортски настани во Израел се откажани, а пред два дена поради закана од ракетен напад, кошаркари се разбегаа во салата за да се скријат по активирањето на сирените во градот.