Бекам доби 200 милиони евра за да го промовира СП и Катар!

Некогаш најкомерцијалниот фудбалер Дејвид Бекам, сега газда на американски Интер Мајами стана заштитно лице и промотор на Светското првенство идната година во Катар, ама и на оваа арапска држава во следната деценија, па на неговото конто легнаа дури- 200 милиони евра!

Бекам и Катар потпишаа децениски договор, што значи Катар годишно ќе го чини „маркетинг услугата“ од Англичанецот цели 20 милиони евра, а сѐ е со намера земјата домаќин на СП да го поправи имиџот во еден дел околу почитувањето на човековите права и правата на жените, поради кои постојано арапските земји се на тапет од меѓународните организации.

Но, Бекам иако ги наполни џебовите со овој маркетинг потег, сепак се соочи со огромни критики од низа организации, зашто од поодамна Катар е на удар токму во делот на човековите права, а самата изградба на стадионите за потребите на СП однесе илјадници жртви од мигрантите од азиски и африкански земји кои од државата биле искористувани како „робови“, слабо платени, неосигурани...

Покрај нападите врз Бекам за овој договор околу човековите права, англиската легенда се најде и на удар од дел од фудбалската јавност за поддршката што ја дава на домаќинот кој со мито и корупција ја доби организацијата на најголемиот фудбалски настан, а притоа извиси за организација неговата родна Англија.