Барселона ја врати својата легенда која одигра над 700 натпревари!

Легендарниот шпански фудбалер Серхио Бускетс официјално се врати во Барселона во улога на тренер.

По епизодата во американската МЛС-лига, каде што последните денови од својата играчка кариера ги мина во Интер Мајами заедно со својот долгогодишен пријател Лионел Меси, Бускетс реши да стави крај на професионалното играње и да започне ново поглавје.

Во Барселона брзо реагираа и му понудија место во стручниот штаб, понуда што легендарниот играч од средниот ред ја прифатил без двоумење.

Според шпанските медиуми, Бускетс ќе работи на тактичката подготовка на тимот, а ќе има и важна улога во индивидуалниот развој на младите фудбалери од „Ла Масија“ кои настапуваат на неговата позиција.

„Враќањето дома секогаш носи посебни емоции. Барселона е мојот живот и клубот што ми даде сè. Со големо задоволство ќе го пренесувам моето искуство на новите генерации и со нетрпение го очекувам почетокот на оваа нова улога“, изјави Бускетс по официјализирањето на соработката.

Бускетс помина 15 години во првиот тим на Барселона, за кој одигра повеќе од 700 официјални натпревари. Во тој период постигна 18 голови, забележа 45 асистенции и освои вкупно 32 трофеи, меѓу кои девет шампионски титули во Шпанија и три титули во Лигата на шампионите.