Калин Ивановски го предаде мечот во Австрија и остана без место во четвртфиналето!

Најдобриот македонски тенисер, Калин Ивановски, на непосакуван начин го заврши настапот на фјучерс-турнирот во австриски Олерсбах, откако беше принуден да го предаде мечот од второто коло против осмиот носител Бор Артнак од Словенија.

Ивановски вчера одигра долг и исцрпувачки дуел против Александер Чајка, кој го доби со пресврт, а напорот очигледно остави последици, па македонскиот тенисер не успеа да го заврши денешниот натпревар. Словенечкиот тенисер го доби првиот сет со 6-4, а по водството од 1-0 во вториот сет Ивановски реши да се повлече и да му ја предаде победата на својот противник.

Со тоа заврши настапот на најдобриот македонски тенисер на турнирот во Олерсбах, кој се игра за награден фонд од 30.000 долари.