Велшаните во Кардиф нема да смеат да ги разменат дресовите со македонските фудбалери

Крег Белами од доаѓањето на клупата на Велс во јуни 2024 година воведе строги правила, а едно од нив е дека фудбалерите не смеат да ги менуваат дресовите со противничките репрезентации.

Велс токму со Македонија ќе води битка за второто место во групата од квалификациите за Светското првенство, а на нас на натпреварот во Кардиф ќе ни одговара и реми, ако претходно не го совладаат Лихтенштајн со повеќе од шест гола разлика.

Меѓутоа велшките фудбалери како и на претходните натпревари откако е Белами селектор, така и во дуелот против нас нема да смеат да ги разменат дресовите по завршувањето на натпреварот.

„Дресот не смее да се менува. Зошто? Затоа што премногу сте работеле за да го заслужите. Немојте да мислите дека сте доволно добри, па можете да го подарите. Можете да го вратите на тимот или да го чувате дома, тој е наш симбол. Тој дрес не треба да се допира, фудбалерите го разбираат тоа и го почитуваат“, изјави Белами.

Натпреварот помеѓу Велс и Македонија е закажан за на 18 ноември во терминот од 20:45 часот.

Фото: Football Association of Wales/X