
Пелистер ќе проба да не се посрамоти на евро-дебито против вториот тим на Цедевита!
Битолчани настапот во ова најслабо од сите европски натпреварувања го обезбедија со учеството во квалификациите за Лигата на шампионите, каде што во првото квалификациско коло беа поразени од Реџо Емилија (87-99). Вториот тим на Цедевита е во добра форма, за што најдобар доказ е убедливата победа против АБА-лигашот Сплит (98-79) пред една недела на домашен терен.
„Пред нас е млада екипа, која е физички добро подготвена и која игра агресивна кошарка на двете страни од теренот. Главна задача ќе ни биде да одговориме на таа нивна брза игра и да ја контролираме топката во нападот. Се наоѓаме во добра форма, одлично отворивме во домашното првенство и се надеваме дека така ќе продолжиме и на европската сцена“, вели еден од најсискусните кај зелено-белите, Бобан Стајиќ.
Пелистерци добро ја почнаа сезоната на домашна сцена, каде што остварија две убедливи победи и тоа против ослабениот Работнички (115-75), кој играше без странците и без репрезентативците Ѓуроски и Робев и против Чаир 2030 (104-74). Во оваа група од ФИБА Еврокупот се уште и Керавнос (Кипар) и Приевидза (Словачка).