УЕФА ќе им го направи трнлив патот на надежите за место на Евро 2021 – ги укинува баражите?

Најголемиот репрезентативен успех барем засега останува пласманот на младата репрезентација во 2017 година и настапот на ЕП во Полска, ама за повторување на таков успех, оваа генерација на селекторот Боби Милевски станува неочекувано уште потешка зашто Европската фудбалска унија (УЕФА) веројатно ќе ги укине баражите за пласман на континенталниот шампионат, најавуваат дел од медиумите на Стариот континент.

Според одредени најави, во Нион размислуваат да го укинат бараж системот според новиот формат за првото младинско Евро 2021 со 16 учесници. Според првичниот план на ЕП директно требаше да се пласираат сите првопласирани од деветте групи, како и најдобрата втора селекција, а останатите осум да играат четири баражи и победниците да ја комплетираат бројката од 14 учесници. Сигурни два учесници се домаќините Словенија и Унгарија.

Но, сооглед на пандемијата со коронавирус и прекинот поради кои се одложија мартовските квалификации, се одложи Еввро 2020 (за идното лето), се презакажа женското ЕП за 2022, промени ќе има и во младинскиот сектор, а таму засега стои предлогот за укинување на баражи и пласман директен на сите првопласирани, како и петте најдобри втори селекции од деветте групи.

Според ова сценарио, Македонија која после четири меча во групата е четврта со седум бода ќе мора практично за да се надева на пласман да победи буквално сè до крајот во шесте преостанати мечеви, што значи да слави во двомечот со Израел кој не се одигра во март, да ја победи Шпанија од која убедливо загуби во минатата година, а патем да ги освои сите бодови и со Казахстан на гости (дома ремизиравме), со Црна Гора и со Фарски Острови, кои ги победивме во досегашниот тек од квалификациите.

Македонија во својата група со седум бода од четири меча има исто бодовно салдо со Казахстан (пред нас е поради подобрата гол-разлика) од пет меча, Израел е втор со осум бода (четири меча), додека апсолутниот фаворит Шпанија е убедливо прва со 13 бода (пет меча). Во табелата за најдобрите второпласирани тимови, нема да се сметаат бодовите со последниот, зашто не се сите групи со по шест екипи, што значи шест бода од контото секако би ни фалеле ако Фарските Острови кои се убедливо на дното, останат таму до крајот.

Во моментов ако се погледнат второпласираните, Италија има 13 бода (5 меча) од првата група, Франција има 9 (4) од втората, Австрија има 12 (5) од третата, Грција 10 (4) од четвртата, Полска 10 (5) од петтата, Португалија 9 (4) од седмата, Романија 10 (5) од осмата и Германија 6 (3) од деветата група. Ова покажува дека Македонија ќе мора да биде стоотсто ефектна со победи за да се надева на евентуално повторување на историскиот успех од 2017 година

УЕФА на 17 јуни ќе треба да одреди буквално сè во фудбалот после прекинот, како за завршницата на оваа сезона, така и за стартот на новата сезона, но и да ги утврди термините кога сениорите ќе се борат за историски настап на Евро 2020 (баражи преку Лига на нации, кои двапати беа одложувани), кога ќе стартува втората сезона во Лигата на нации, како ќе се играат европските клупски квалификации... Останува да се види дали овој план Б ќе биде усвоен или во Нион ќе најдат решение да си се доигра целиот квалификациски циклус според претходно утврдениот систем.