Турски судија кој беше претепан на натпревар ќе го води мечот на Македонија со Белгија (ВИДЕО)

Елитниот турски судија Халил Умит Мелер ќе го води утрешниот натпревар меѓу Белгија и Македонија во Гент, во рамките на квалификациите за Светското првенство.

Станува збор за 39-годишен арбитар со огромно искуство во најсилната турска фудбалска лига каде водел вкупно 191 натпревар, а последните години е исклучително активен и на меѓународна сцена. Интересно е тоа што покрај турското првенство, сезонава тој водеше натпревари и во шампионатот на Обединетите Арапски Емирати.

На Белгијците, Мелер не им остана во добро сеќавање бидејќи на Европското првенство минатата година, против Словачка, му поништи два гола на Лукаку по што Словаците победија со 1-0. Најдраматичниот натпревар, сепак, го имаше во турското првенство на дуелот меѓу Анкарагучу и Ризе кога доби бокс во лицето од претседателот на домашниот клуб по што дојде до голема мешаница на теренот. Судијата тогаш заврши в болница каде беше задржан една ноќ.

Единственото искуство со македонски претставници Мелер го имал во 2018 година кога го судеше натпреварот меѓу Шкупи и Ренџерс во квалификациите за лигата Европа.

фото: EPA photo