Тухел го брани Вернер за утката со Македонија: Лошо му додаде Гундоган!

Германскиот менаџер на лондонски Челси, Томас Тухел застана во одбрана на германската ѕвезда Тимо Вернер, кој се најде на столбот на срамот после утката против Македонија, по што нашата јавност дури и му „извади“ лична карта и го „натурализираше“ во знак на благодарност, нешто што стана хит низ Европа.

Откако силно одекна сензацијата и триумфот на Македонија во Дуисбург со 2-1, германските медиуми ги распнаа фудбалерите на „елфот“ и селекторот Јоаким Лев, но посебно удрија по вернер за зицерот кој го промаши откако се посрамоти со шутот, иако беше сам пред Столе Димитриевски. Но, за Тухел, Вернер не е виновен, туку – Илкај Гундоган.

„Лоша беше асистенцијата на Илкај (Гундоган – н.з.). Не се шегувам“, рече Тухел.

Вернер денеска се врати на тренинзите на Челси, но иако сакал дополнително да работи на завршницата, Тухел не му дозволил и го пратил во соблекувалната, за да го симне и онака големиот притисок на јавноста врз него.

„Му реков: 'Не ти треба ова! Твоето тело и твојот мозок знаат како да дадеш гол. Ова го правиш од својата шеста година. Не треба да се грижиш, ќе биде сѐ во ред'. Головите за Тимо ќе дојдат. Не може со сила да постигнете ништо. Ако некоја девојка не сака да излезе со вас на вечера, не може со сила да ја натерате. Треба човек да направи чекор назад, па таа сама ќе се јави. Така е и со головите“, додаде Тухел.

Вернер има проблеми со головите и во Челси, зашто има само еден во 13 настапи во Премиерлигата во 2021 година, а претходно имаше голгетерски пост од 1.000 минути. Лани, пак, за Лајпциг даде 34 гола на 45 меча.