Тројца се враќаат, а нова тројка во – аут!

Проблемите никако да го одминат селекторот Игор Ангеловски во пресрет на последниот меч во овие квалификации, па нови тројца фудбалери се во аут за последниот меч со Израел, но за среќа суспендираното трио, кое не играше во Виена ќе го има на располагање.

Откако ја одлежаа казната од еден меч против Австрија, во тимот се враќаат Висар Муслиу, Бобан Николов и Илија Несторовски и сите тројца се очекува да бидат стартери на утрешниот меч пополнувајќи ги дупките во трите линии на тимот. За овој дуел, Ангеловски нема да смета на Александар Трајковски, Марио Младеновски и Стефан Спировски, кои се повредени.

„За проблемите повеќе не сакам да зборувам. Тие се што се тука“, рече Ангеловски.

Трајковски се повреди по 13 минути во Виена, Младеновски се пожали на повреда на полувреме, а Спировски, кои и така влечеше повреда сега е во аут, но селекторот има опции. Местото на Малденовски секако ќе го заземе Муслиу, тоа на Спировски – Николов, а на Трајковски – Несторовски.

Добра вест е што ќе игра капитенот Горан Пандев, кој поради вирус го скокна мечот со Австријците.

„Јас сум подготвен, а на селекторот е да реши дали ќе играм“, посочи капитенот.

Македонија брка победа, а со помош на Полска (да не загубат од Словенија) треба да стигне до третото место во групата, што би било наш најдобар пласман во историјата.

За овие два последни натпревари поради повреди, од порано отпаднаа Аријан Адеми, Егзон Бејтулаи, Иван Тричковски, Марјан Радески и Езгјан Алиоски.