Станиќ: Новата генерација на У21 има квалитет, можеме до добри резултати!
Претходно Станиќ работеше успешно и како селектор на генерациите до 17 и 19 години, а сега ќе се обиде да донесе подобрување и во последната генерација пред сениорската.
„Пред се сакам да се заблагодарам на претседателот и неговиот тим во федерацијата за укажаната доверба. Да се биде предводник на репрезентативен состав само по себе претставува голема чест и привилегија, но оваа функција носи и голема одговорност. Многу добро знам што ме очекува и максимално подготвено влегувам во предизвикот. Се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата и довербата што ја добив. Секој предизвик носи своја тежина. Во мојата кариера секогаш сум бил сериозен, професионален и посветен кон работата, така ќе биде и овој пат“, започна Станиќ.
Се потсети Станиќ и на периодот во кој работеше со младите фудбалери.
„Имав единствена можност да бидам селектор на сите млади генерации од 16 до 19 години. Доживеав прекрасни моменти и имав незаборавно искуство во тој период во кој остваривме два успешни квалификациски циклуси и ја исполнивме поставената цел, пласман во елитната фаза на квалификации, првиот пат со селекцијата до 17 години, вториот со репрезентацијата до 19 години, што секако само по себе претставуваше голем успех и сатисфакција“, истакна Станиќ.
На Станиќ му оди одлично и на клупата на Работнички кој бележи одлични резултати и по првиот дел од сезоната се наоѓа на делба на првото место со Силекс и Шкендија. Верува и дека генерацијата која ќе ја предводи има потенцијал за успех.
„Новата генерација Македонија до 21 несомнено е дека располага со голем квалитет и потенцијал. Голем дел од фудбалерите веќе се стандардни во своите екипи и имаат стекнато прволигашко искуство. Повеќето од играчите добро ги познавам. Располагаме со квалитет што ни дава за право да се надеваме на добри резултати. Очекувањата од претходниот квалификациски циклус за пласман на ЕП беа големи, особено по одличниот старт и победата над Шведска во првото коло на гостински терен. Мислам дека имавме потенцијал да оствариме подобар пласман, но не оди секогаш според планираното“, смета стратегот на Работнички.
Најави Станиќ и каков е неговиот план за работа на селекторската позиција.
„Планирам да имплементирам мои методи и принципи на работа во кои цврсто верувам и мислам дека ќе ни дадат резултат. Битно е фудбалерите да разберат што е тоа што ќе се бара од нив, а моја ќе биде одговорноста како и на кој начит ќе им го презентирам тоа, а се со цел да имаме подобра комуникација и разбирање на теренот. Промени ќе има, со оглед на тоа што ова е нова генерација. Фудбалерите што беа дел од претхоните квалификации немаат право за настап во следните квалификации, така што е природно да има промени. Во следниот квалификациски циклус право на настап ќе имаат фудбалерите родени во 2004 и 2005 година, но секако дека ќе добијат можност и некои фудбалери кои се родени 2006 година“, заврши Станиќ.