Столе Димитриевски - македонскиот Спајдермен на гол-линијата!
Поради сето ова, Димитриевски,кој во стилот на Спајдермен ја спречуваше секоја опасност која наидуваше кон неговиот гол, е личноста на 2024 годината во изборот на „Спорт 1“. Македонскиот голман оваа година постави рекорд во дресот на нашата репрезентација откако на пет последователни натпревари не прими гол, а направи и одличен трансфер кога минатото лето од Рајо Ваљекано премина во Валенсија. Македонија имаше одлична година во Лигата на нации. Убедливо го освоивме првото место во нашата група од Ц дивизијата и се искачивме на второто скалило од натпреварувањето. Главниот херој за овој успех беше токму Димитриевски, кој направи нешто кое дотогаш не ѝ успеало на ниту една друга наша „единица“ - постави рекорд од 531 минута без да се затресе неговата мрежа.
Рекордот не е резултат на случајност, тој е плод на макотрпна работа и подготовка пред секој натпревар на нашата репрезентација. Столе прави посебни анализи за секој противник.
„Секогаш детално анализираме без разлика кој е нашиот противник. Имаме одлична соработка со одбрамбените фудбалери. Кога играм за Македонија секогаш го давам максимомот, како втор капитен на репрезентацијата чувствувам и голема одговорност кога ќе го облечам дресот“, рече Димитриевски по одличните настапи за нашата селекција.
Димитриевски на клупски план имаше одлична полусезона во дресот на Рајо Ваљекано, тоа му овозможи да направи трансфер во поголем клуб. Договорот на Македонецот со Рајо истекуваше по крајот на минатата сезона, а потоа веднаш премина во Валенсија, да брани на славната „Местаља“.
Планот беше Столе да биде прв голман на Валенсија, но за негова несреќа одличниот Мамардашвили остана во клубот иако потпиша за Ливерпул. Грузиецот се сложи да брани уште една сезона како позајмен играч во шпанскиот тим. Тоа ги расипа плановите на Димитриевски, Македонецот од клупата ја чекаше својата шанса.
„Десет години сум прв голман и поради тоа ситуацијата во Валенсија за мене е тешко да ја прифатам. Сега сум во положба да му помогнам на тимот на поинаков начин, бидејќи има многу млади играчи во соблекувалната. Целта е заедно да излеземе во кризата и да ги оствариме најдобрите резултати. Се случуваат чудни работи во фудбалот, ми се случиле и во минатото. Мамардашвили остана, но јас дојдов каде што сакав да дојдам и работам напорно чекајќи ја мојата шанса. Се надевам дека тренерот ќе може да ми даде прилика и дека ќе стигнеме до победи за да ја избегнеме опасната зона“, изјави Димитриевски во интервју за „Марка“.
Додека Димитриевски чекаше на своето деби во Ла Лига за Валенсија, добиваше шанса на натпреварите од Купот на Шпанија, а во финишот од сезоната конечно дочека да брани и во лигата. На некој треба да му се стемни, за на другиот да му се раздени. Мамардашвили се повреди, па Димитриевски застана меѓу стативите на Валенсија на натпревар од Ла Лига. Македонскиот голман врза серија од три натпревари во Ла Лига, а ако брани и на следниот тоа ќе биде дуелот против актуелниот шампион на Шпанија, Реал Мадрид кој утре гостува на Местаља.
Изминатата година Димитриевски преживеа и една несреќна епизода во Валенсија кога целиот град го зафати огромна поплава која однесе и повеќе жртви.
„За среќа не се најдов во епицентарот, живеам на периферијата, малку надвор од градот. На безбедно сме. Нашиот дел беше погоден од голема бура и ветер, дождот исто така создаваше проблеми. Но, не заврши трагичично како во внатрешноста на градот. Соиграчите ми кажуваат дека се е под вода, се срушил и цел мост. Калта носи автомобили, вакво нешто со години не се случило во Валенсија“, изјави тогаш Димитриевски.
Градот доживеа катастрофа која ќе се памети, но по првата половина од сезоната, „потоп“ му се случува и на клубот. Валенсија во моментов е на претпоследното место на табелата во Ла Лига со ист број на бодови колку и последниот Ваљадолид.
Во финишот од сезоната Димитриевски доби нов тренер, 41-годишниот Карлос Корберан ќе треба да го гаси пожарот, да донесе резултати кои ќе ја спасат Валенсија од испаѓање и македонскиот голман и следната сезона да продолжи да брани во најсилната шпанска лига.