Спорниот дрес на Македонија пуштен во продажба, ама во – Германија!

Челниците на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) вчера и официјално го промовираа дресот со кој репрезентативците ќе настапат на претстојното Евро 2021 и веднаш го навлекоа гневот на јавноста со оглед на неприродните бои, односно отсуството на традиционалната црвена боја, а презентација на опрема во, за нас, чудна бордо и црна боја.

Како и досега, спортската опрема е од германскиот бренд „Јако“, од каде што потенцираат дека новите дресови веќе можат да се купат во одредени спортски продавници, ама во – Германија. Можеби така е и подобро, бидејќи со оглед на бесот што можеше да се прочита на социјалните мрежи, мал број навивачи ќе се решат да го купат и да го носат новиот дрес со неприродни бои.

Истовремено, Германците објави дека најважна улога во дизајнот на новите дресови имала вработена во Куќата на фудбалот.

„Рахила Илиев од ФФМ одигра решавачка улога во дизајнирањето на новите дресови. Таа и досега помагаше при дизјанирањето на претходните дресови на македонскиот национален тим. Со аплицираниот Балкански рис како национален симбол, репрезентативците и навивачите ќе може еднакво да се идентифицираат со новиот дрес“, велат од „Јако“.

Од германската компанија за производство на спортска опрема најавија дека новите дресови ќе дебитираат на 13 јуни на средбата Македонија-Австрија во Букурешт, прва за нашиот тим на Евро 2021, што значи дека фудбалерите на пријателските натпревари против Словенија и Казахстан во Скопје ќе играат во старата опрема.