Спалети доаѓа во Скопје со џиновско знаме старо пола век како амајлија за успешно деби!

Новиот италијански селектор Лучано Спалети, доскорешниот тренер на Наполи кој по 33 години пауза го донесе „скудетото“ под Везув, ќе дебитира на клупата на „аѕурите“ во Скопје во сабота во евроквалификацискиот меч, на кој ќе си донесе специјална амајлија за среќа за усшешно деби – џиновско знаме кое мајка му му го сошила пред 53 години.

Спалети пред три недели официјално седна на кормилот на „аѕурите“ откако неочекувано Роберто Манчини си замина, па стана селектор на Саудиска Арабија, па доскорешниот тренер на Наполи реши да го прекине едногодишниот одмор кој го зема по совојувањето на „скудетото“ и заминувањето од Неапол. Сега, откри дека за среќа во Скопје ќе донесе џиновски знаме, кое ќе го стави на клупата, а тоа знаме за него има многу голема симболика.

Мајка му му го сошила во 1970 година за да ја слави победата со 4-3 на Светското првенство во Мексико против Италија, во мечот кој на Апенините бил посочен како „меч на векот“. Италијанците на тој Мундијал стигнаа до финале, но во битката за трофејот немаа шанси против Пеле и Бразилците кои ги здробија со 4-1.

„Тоа знаме сега ќе го ставам на клупата. На тој начин сакам да им остварам сон на илијадници деца, а за мене тоа знаме има посебна емотивна важност и носи невидена емоција“, најави Спалети.

Италија има три меча со Македонија во кои скорот е по една победа и пораз и едно реми, со најголема рана која силно ги пече „аѕурите“ уште од март лани, кога во Палермо доживеаа катаклизма со поразот со 0-1 за второ Светско првенство по ред да го пропуштат, откако не играа ни на Мундијалот во Русија во 2018 година.