Серафимов смирува по повредата во Софија: Изгледаше страшно, но...!

Македонскиот фудбалски репрезентативец Никола Серафимов избегна потешка повреда на раката за време на вчерашниот натпревар меѓу Левски и Славија Софија.

Иако ситуацијата на теренот налагаше итна хоспитализација, дефанзивецот потврди дека медицинските прегледи се охрабрувачки. Поради незгоден удар и сериозноста на повредата, Серафимов мораше предвреме да го напушти теренот, по што веднаш беше пренесен во болница за детални анализи. Откако ги доби резултатите, тој ѝ се обрати на јавноста со позитивни вести.

„За среќа, сè помина добро и без сериозни последици, иако на прв поглед изгледаше страшно. Ви благодарам на сите за пораките и поддршката. Се надевам дека ќе ве видам повторно на теренот што е можно поскоро“, порача Серафимов.

Засега не е прецизирано колку време македонскиот дефанзивец ќе мора да паузира од фудбалските терени за целосна рехабилитација. Сепак, избегнувањето на потешка повреда е одлична вест за македонската спортска јавност, како и за селекторот на националниот тим, Гоце Седлоски.