Казна каква што НБА досега не видела: Клиперс останаа без пет пика и 30 милиони долари
Најголемиот проблем за Клиперс не е паричната казна од 30 милиони долари, туку губењето на пет пика од првата рунда на НБА-драфтот – во 2029, 2030, 2031, 2032 и 2033 година. Тоа значи дека франшизата останува без исклучително важен ресурс за градење на тимот во наредните години.
Клиперс во изминатиот период веќе потрошија голем дел од својот драфт-капитал во обид да создадат шампионски тим, а дополнителното одземање на пет пикови од првата рунда сериозно ја ограничува можноста за подмладување преку драфтот. Уште една голема последица е суспензијата на сопственикот Стив Балмер, кој една година нема да смее да учествува во активности поврзани со НБА и клубот. Претседателката за бизнис-операции Џилијан Закер е суспендирана една година без плата, додека претседателот за кошаркарски операции Лоренс Френк ќе паузира шест месеци.
Казнет е и самиот Кавај Ленард. Двократниот МВП на финалето во НБА ќе мора да плати 700.000 долари, додека неговиот поранешен менаџер и чичко Денис Робертсон доби петгодишна забрана за активности со НБА-клубови. Случајот се однесува на договорот на Ленард со компанијата Аспирејшн, вреден 28 милиони долари, за кој истрагата утврди дека бил дел од поширока шема поврзана со заобиколување на правилата за ограничувањето на платите. НБА оцени дека постоеле повеќекратни и сериозни прекршувања на правилата.
Од Клиперс, сепак, не се согласуваат со заклучоците на лигата. Клубот ги отфрли наодите од истрагата, ја оспори нејзината објективност и најави дека ќе ги оспорува санкциите. Во следните пет години, франшизата ќе биде под посебен програм за следење и усогласеност со правилата на НБА. За тим кој со години се обидува да стигне до шампионскиот врв, последиците од оваа казна може да бидат многу подолги од една сезона.