Аргентинскиот фудбал ќе застане претстојниот викенд поради - Меси

Аргентина подготвува спектакуларна почест за една од најголемите спортски икони во својата историја – Лионел Меси. По одлуката на капитенот да стави крај на репрезентативната кариера, Фудбалскиот сојуз на Аргентина (АФА) најави посебна иницијатива во негова чест.

На сите натпревари во машка и женска конкуренција, како и во футсалот и фудбалот на песок, играта ќе биде прекината во 10. минута од првото полувреме. Тогаш присутните на стадионите со едноминутен аплауз ќе му оддадат почит на Меси.

Изборот на десеттата минута не е случаен. Меси со години го носеше легендарниот број 10 на грбот во репрезентативниот дрес, со кој испиша историја и ги освои најголемите трофеи со Аргентина. Првата ваква почест веќе беше забележана на натпреварот од Купот на Аргентина меѓу Бока Јуниорс и Велез, кога цел стадион во Кордоба му аплаудираше на аргентинската легенда. На стадионите кои имаат видеоекрани, пред почетокот на натпреварите ќе биде прикажуван и специјален спот подготвен од АФА.

Меси својата репрезентативна приказна ја заврши како најуспешниот стрелец и играч со најмногу настапи за Аргентина. За националниот тим одигра 207 натпревари и постигна 125 голови. 

Со Аргентина тој го освои Светското првенство, Копа Америка и уште низа трофеи, а сега целата земја се подготвува симболично да му каже – благодарам, Лео!