Селекторот на македонските јуниори повика и фудбалер од - седмата германска лига!

Македонската репрезентација за фудбалери до 18 години во текот на идната недела ќе одигра две пријателски средби со Романија, на гости. Во списокот на повикани играчи од селекторот Тони Јакимовски има едно име кое предизвикува внимание. 

Меѓу 22 повикани е и Лорик Мухтари, повратник во репрезентацијата, кој настапува во Нетенбург/Алермехе, клуб од седмиот ранг во германскиот лигашки систем. Згора на тоа, не игра во првиот тим на Нетенбург, туку во младинскиот, што поставува прашање, како и зошто младинец од аматерски тим во Германија се нашол во списокот на македонска репрезентација. Исто така, ова не е прв повик за Мухтари, кој веќе еднаш бил проверен и сега одново е повикан во националниот тим.

Македонија игра со Романија в понеделник и в среда и тоа се средби од пријателски карактер, но дури и на такви треба да се знаат критериумите за репрезентативен повик.