Реал Мадрид му забрани на Мбапе да игра за Франција!

Килијан Мбапе вчера дефинитивно потврди изјави дека нема да игра за француската репрезентација на Олимписките игри во Париз, бидејќи неговиот нов клуб Реал Мадрид е против тоа.

Тој во март изјави дека сака да игра на Игрите во Париз, но со оглед што олимпискиот фудбалски турнир не е во календарот на ФИФА, клубовите не се обврзани да ослободуваат играчи. Селекторот на олимписката селекција на „триколорите“, Тиери Анри, не го вклучи 25-годишниот Мбапе во неговиот прелиминарен тим од 25 играчи претходно овој месец, но ја остави отворена можноста дополнително да го вклучи.

„Позицијата на мојот клуб беше многу јасна и поради тоа мислам дека нема да учествувам на Игрите. Јас исто така го разбирам. Се приклучувам на новиот тим во август, така што тоа не е најдобриот начин да се започне авантурата. На францускиот тим ќе му посакам се најдобро. Ќе го гледам на секој натпревар, се надевам дека ќе го освојат златниот медал“, изјави Мбапе.

Олимпискиот фудбалски турнир започнува на 24 јули, десет дена по финалето на Европското првенство, а завршува на 9 август. Мбапе е еден од најдобрите фудбалери во светот, кој минатата сезона одигра 48 натпревари за ПСЖ, постигна 44 и асистираше десет гола. Летово му истече договорот со „светците“ и замина во Реал, кој минатата сезона ги освои Лигата на шампионите и Ла Лига.