„Пеналите беа дискутабилни, треба да извлечеме поука од поразот од Чешка!“

Македонската фудбалска репрезентација денеска загуби во пријателската средба на гостувањето кај Чешка (1-2) во меч во кој главна ѕвезда беше судијата Оченаш (Словачка), кој му подари два пенали на домаќинот од кои вториот во 99. минута иако покажа продолжување од седум минути.

Фудбалерот од средниот ред, Тихомир Костадинов, смета дека досудените најстроги казни за противникот во најмала рака биле дискутабилни, но и дека заедно со соиграчите треба да работат на зголемување на самодовербата.

„Знаевме дека ќе биде физички тежок натпревар, на што бевме подготвени. Штета за двете спорни ситуации, според мене првиот пенал беше доста дискутабилен, но тоа е дел од фудбалот. Исто така направивме наивен пенал во последните секунди, меѓутоа одиме понатаму. Игравме против силен ривал кој ќе игра на ЕП. Тоа треба да ни даде мотив, но и да ни ја зголеми самодовербата, која ни недостига. Во тактичкиот аспект и борбеноста нема замерки. Треба да извлечеме поуки од овој натпревар, да работиме на себе и во септември да си ја оствариме целта“, изјави Костадинов.

За Македонија ова беа последни контроли пред стартот на Лигата на нации и дуелите против Фарски острови и Ерменија на почетокот од септември.