
Пандев: Со Милевски односот ми е професионален, тој сам си ја креира судбината!
Пандев како фудбалер никогаш не доби проштален натпревар, меѓутоа и самиот порачува дека не сакал нешто такво, а шпалирот кој го добил во натпреварот со Холандија на Европското првенство секогаш ќе го памети.
„Никогаш не сакав проштален натпревар за да се одбележи крајот на мојата кариера, бидејќи шпалирот што го добив од соиграчите на мојот последен натпревар за Македонија на ‘Јохан Кројф Арена’ беше најубавото нешто што ми се случило“, започна Пандев.
Зборуваше Пандев и за неговиот однос со селекторот Благоја Милевски со кого беше и во конфликт пред да се промени раководството во федерацијата.
„Би го опишал нашиот однос како професионален. Тој е актуелен селектор на репрезентацијата и новото раководство предводено од претседателот Омерагиќ му ја даде целосната поддршка. Исто така, тој ги започна квалификациите за СП 2026 добро и се надевам дека ќе не израдува и ќе не одведе на наше прво Светско првенство. Но, тој сам си ја креира судбината, бидејќи резултатите се огледало на работата на селекторот и му посакувам среќа“, порача Пандев.
Стефан Ристовски по дебаклот против Англија од 7-0 на „Вембли“ одлучи да се повлече од репрезентацијата, а Пандев откри дека претседателот Омерагиќ имал разговор со него.
„Се јавив на Стефан уште во декември минатата година, веднаш по промената на раководството и разговарав со него, а имаше и средба помеѓу претседателот Омерагиќ и него, иако јас не присуствував на таа средба. Му кажав дека и јас имав слични дилеми кога одлучив да се повлечам од репрезентацијата во 2014 (од ноември 2014 до октомври 2015), но Стефан има поинаков став бидејќи тој се повлече по срамниот пораз од Англија, и тоа е негова одлука и мораме да ја почитуваме. Тој е искусен фудбалер и зрела личност кој беше капитен и кај нас и во Динамо Загреб, верувам дека сè уште може многу да придонесе за репрезентацијата бидејќи продолжува да игра на високо ниво. Наша обврска беше да разговараме со него, но конечната одлука е негова“, потенцираше македонската фудбалска икона.
Македонија во квалификациите за Мундијалот ја очекуваат два натпревари, прво ќе играме против Белгија на домашен терен (6 јуни), а три дена подоцна ќе гостуваме на Казахстан.
„Верувам во позитивни резултати, но истовремено сметам дека овие неколку претстојни натпревари ќе бидат најтешките досега, бидејќи доаѓаат на крајот од сезоната. Иако тоа повеќе важи за Белгија отколку за нас, затоа што тие имаат многу повеќе фудбалери од светска класа кои настапуваат во најсилните европски лиги. Тие се фаворити, нема сомнеж во тоа, но јас верувам во нашиот состав и покажавме и против Лихтенштајн и против Велс дека поседуваме квалитет. Со помош на нашите навивачи, можеме да се надигруваме со Белгија и се надевам дека стадионот ќе биде полн за да ги поддржи момците“, додаде Пандев.