Епски спектакл во Штутгарт: Девет гола, пет во мрежата на Франција - европскиот првак е во финале (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Шпанија в недела ќе ѝ се спротивстави на Португалија во финалето од Лигата на нации откако вечерва, во вториот полуфинален натпревар ја совлада Франција во 5-4.

Вечерашниот натпревар влегува во редот на епските дуели во европскиот фудбал поради сето она што се случуваше на теренот во Штутгарт. Упатени беа над 40 удари кон двата гола, осум топки завршија во мрежата, но Шпанија ќе ја брани титулата во Лигата на нации.

По 55 минути игра, „фуријата“ водеше со 4-0 откако во кратки интервали постигна по два гола. Прво од 22. до 26. минута Нико Вилијамс и Мерино ја доведоа Шпанија во предност од 2-0, а потоа во 54. и 55. минута Јамал и педри уште по еднаш го совладаа Мењан. Мбапе нешто подоцна погоди од пенал, но на спротивната страна брзо врати Јамал за 5-1 и веројатно сите во тие моменти помислија дека се е завршено.

Сепак, неколку минути пред вториот гол на Јамал, Дидие Дешамп направи една измена која многу влијаеше на играта на неговата репрезентација. Во игра влезе Рајан Шерки кој во 79. минута намали на 2-5, потоа ја изгради акцијата по која Вивијан си даде гол за 3-5, а во четвртата минута од судиското продолжение го проигра Коло Муани за 4-5. За жал на неутралните љубители на фудбалот, немаше време за уште еден гол кој би го одвел мечот во продолженија.

В недела од 21 часот Португалија и Шпанија ќе го дадат освојувачот на титулата во четвртото издание на Лигата на нации, а една од нив по вторпат ќе слави во ова натпреварување.